Лабораториски создадено млеко кое не доаѓа од крави, туку од клетки од цицачи, наскоро ќе се најде на полиците на маркетите во САД. Наречено „UnReal Milk“, ова „Франкенштајн млеко“ предизвика бурни реакции уште пред официјалното лансирање.
Компанијата Brown Foods го произведува млекото во големи биореактори, каде клетки од животни создаваат исти протеини, масти и јаглени хидрати како кај обичното кравјо млеко. Според ко-основачот Сохаил Гупта, технологијата може во иднина да произведува млеко од „секој цицач, дури и човечко“.
Производот доби брза дозвола преку GRAS, што ја прескокна долгата процедура на ФДА, што му овозможува да стигне на пазарот многу порано од очекуваното.
Сепак, јавноста е шокирана и полна скептицизам. На социјалните мрежи се шират повици за забрана на лабораториското млеко уште пред да биде во продажба. Некои велат дека не сакаат „ниедна врска со оваа биотехнолошка глупост“, додека други го нарекуваат „следниот лабораториски производ туркан на потрошувачите од милијардери“.
Научниците, пак, тврдат дека млекото има огромен еколошки потенцијал – создава помалку стакленички гасови, троши помалку вода и зазема значително помалку земја отколку традиционалното кравјо фармерство.
Сепак, критичарите предупредуваат дека нема долгорочни студии за влијанието на ваквото лабораториско млеко врз здравјето на луѓето, особено на децата.
За разлика од растителните алтернативи и млеката добиени со „прецизна ферментација“ користејќи гени во бактерии или квасец, UnReal Milk користи вистински млечни клетки од крава, што го прави најблизок до природното кравјо млеко.
Сега, за само неколку месеци, американските потрошувачи ќе можат да се соочат со прашањето – дали се подготвени да пијат млеко кое никогаш не видело крава?
















