Легендарниот кошаркар Мајкл Џордан ја отвори својата четврта бесплатна здравствена клиника во Северна Каролина, продолжувајќи ја својата мисија за подобрување на пристапот до здравствена заштита за маргинализираните заедници. Најновата клиника е лоцирана во Вилмингтон, градот каде што Џордан го поминал своето детство.
Објектот, кој се простира на 680 квадратни метри, располага со 12 ординации и нуди основна здравствена заштита во текот на работните денови. Дополнително, тим на теренски здравствени работници ќе им помага на пациентите во поврзувањето со локалните здравствени и социјални услуги.
Џордан ја започна оваа иницијатива во 2019 година во партнерство со организацијата Novant Health, а неговата посветеност кон проектот се зајакна со донацијата од 10 милиони долари во 2024 година. Првата клиника во Вилмингтон, отворена минатата година, примила речиси 1.800 пациенти за само девет месеци.
„За мене ова е лична работа“, изјави Џордан, истакнувајќи дека му е особено важно да обезбеди квалитетна здравствена грижа во заедницата каде што пораснал.
„Навистина сум исполнет кога гледам дека првата клиника во Вилмингтон веќе има значително влијание врз здравјето и благосостојбата на луѓето. Враќањето тука за нејзиното отворање беше многу емотивен момент за мене и само го потврди колку е важно ова за заедницата“, додаде Џордан.
Со овој проект, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња не само што ја потврдува својата спортска легенда, туку и остава траен хуманитарен отпечаток.