Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) реагира на одлуката на македонските власти која го ограничи правото на влез во Македонија за Македонците од Мала Преспа со албански лични документи, преку граничниот премин Стење – Горица, кај Ресен.
„Од вчера, граничната полиција не дозволува влез на Македонци од Мала Преспа, кои редовно патуваат во Македонија за сезонски работа во Ресен и Преспа и навечер се враќаат дома во Мала Преспа. Овие лица, кои поседуваат албански лични карти, се соочуваат со забрана за влез поради податоци во системот дека престојувале повеќе од три месеци во Македонија, иако нивното патување е секојдневно“, се наведува во реакцијата на партијата.
МАЕИ исто така посочува дека денес македонските власти ја известиле и албанската страна да не дозволува преминување на овие лица кон Македонија.
„Ова е првпат да се случи ваков проблем, што сериозно ги загрозува егзистенцијата на овие луѓе. Апелираме до македонските власти да најдат итно решение за оваа ситуација и да обезбедат непречено движење на овие Македонци, бидејќи сезонската работа во пограничниот регион е нивен единствен извор на приходи за егзистенција на семејствата“, додаваат од партијата.
Тие исто така информираат дека за овој проблем веќе разговарале и со претставници на македонската амбасада во Тирана.