Осум пациенти кои беа на лекување во странство поради повредите здобиени во трагичниот пожар во Кочани денеска ќе се вратат во земјава, со што бројот на пациенти што сè уште се лекуваат надвор од државата ќе се намали на 99.
Според информациите, двајца пациенти се враќаат од Белгија, двајца од Австрија, двајца од Хрватска и двајца од Турција. Дополнително, еден пациент кој се опоравува во Шведска веќе е на домашно лекување, но ќе остане таму уште неколку дена пред да се врати.
„Практично утре ќе останеме со 99 пациенти на лекување во странство. Остануваат четворица пациенти во критична состојба, но за разлика од вчера, денес нивната состојба е нешто подобра, иако сè уште тешка“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, информира дека четворицата пациенти кои вчера се вратија од Шпанија биле подложени на медицински тестови и се пуштени на домашно лекување.
Во болниците низ државата моментално се лекуваат 24 пациенти. Од нив, седум се во Клиничкиот центар, шест во старата градска болница, осум во болницата „8 Септември“, а тројца се на лекување во приватни клиники.
Тим од пластични хирурзи вчера бил во кочанската болница, каде што наишол на недостиг од кадар и медицински материјали неопходни за лекување. Директорот на Клиниката за пластична хирургија предупредува дека инфекциите може да се појават во која било фаза од заздравувањето, па затоа ќе се следи состојбата на пациентите и во наредниот период.