Јован Костадинов, момчето од Виница кое во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани спасуваше животи, сега заблеска и како матурант – облечен со љубов, внимание и благодарност.
Храбриот Јован, кој стана симбол на човечност и несебичност откако спасил повеќе од 20 млади лица од огнената стихија, доби специјален матурски стајлинг – подарок од велешкиот бутик Golden Garden.
„Како што ветивме, со огромна чест и гордост му овозможивме на Јован да се почувствува посебно – затоа што тоа го заслужува со сето свое срце и дело“, велат од бутикот.
Во својата објава на социјалните мрежи, од бутикот напишаа:
„Денес нашиот бренд имаше чест да го удостои Јован Костадинов – момчето кое во момент на паника, чад и оган, не се поколеба, туку делуваше решително и хумано, спасувајќи животи. Ветивме дека ќе го поддржиме, и тоа денес го направивме – со целосен матурски стајлинг и многу љубов. Јован, ти благодариме што ни го разубави денот, ти ја честитаме матурата и ти посакуваме огромни успеси во животот. Со среќа, храбро момче – секогаш ќе бидеме тука за тебе!“
За оваа важна вечер, Јован беше дотеран во елегантен костум во нежна пастелна нијанса, украсен со пеперутка-вратоврска. Младешкиот изглед го комплетираше со модерни бели патики – комбинација која совршено го отслика неговиот дух: храбар, скромен и стилски.