Квалитетниот сон не е важен само за одмор, туку и директно влијае врз здравјето на срцето, предупредуваат кардиолози, нагласувајќи дека и положбата во која спиеме може да има значење.
Експертите објаснуваат дека за време на спиењето организмот се обновува, а кардиоваскуларниот систем добива можност да се стабилизира и да се опорави од дневниот стрес.
Според кардиолозите, спиењето на лева страна кај некои луѓе може да предизвика чувство на зголемен притисок врз срцето, бидејќи неговата положба во градниот кош е малку поместена кон таа страна. Иако кај здрави лица тоа најчесто не претставува проблем, кај луѓе со срцева слабост може да предизвика непријатност.
Од друга страна, спиењето на грб се посочува како потенцијално ризично кај лица со опструктивна ноќна апнеја, состојба која може да биде поврзана со висок крвен притисок и други кардиоваскуларни проблеми. Во оваа положба, дишните патишта може делумно да се блокираат, што го отежнува дишењето.
Лекарите истакнуваат дека најважно е да се одржува редовен и доволен сон, најмалку седум часа ноќе, бидејќи конзистентниот режим има силно влијание врз здравјето.
Исто така, предупредуваат дека симптоми како хроничен замор, ‘рчење или утрински главоболки можат да укажуваат на нарушувања на спиењето, кои не треба да се игнорираат.






