Американскиот кардиолог д-р Еван Левин, со над 30 години искуство, открива кои три пијалаци претставуваат најголема закана за здравјето на срцето. На својот ТикТок канал, каде редовно споделува совети на разбирлив и хумористичен начин, Левин ги издвојува пијалаците кои секој би требало да ги избегнува – особено ако сака да си го зачува срцето.
1. Алкохол
Иако умереното пиење алкохол – еден пијалок дневно – може да биде прифатливо за здрави луѓе, Левин предупредува дека прекумерната консумација сериозно го загрозува срцето. Зголемен крвен притисок, повисоко ниво на триглицериди, ризик од атријална фибрилација, па дури и потенцијално фатална алкохолна кардиомиопатија – се само дел од последиците. Левин го отфрла и митот дека чаша црвено вино дневно е „здрава за срцето“, наведувајќи дека таквите тврдења често се засновани врз финансирани студии.
2. Газирани пијалаци
Според Левин, газираните пијалаци се „чиста закана“. Само една лименка содржи околу десет лажички шеќер или еквивалент од пченкарен сируп. Редовната консумација го зголемува ризикот од дебелина, дијабетес и покачени триглицериди – состојби кои директно го оптоваруваат срцето. „Замислете дека пиете една петина чаша чист пченкарен сируп секој пат кога ќе испиете лименка газиран пијалок“, вели тој.
3. Енергетски пијалаци
Најостра критика Левин ја упатува кон енергетските пијалаци, кои ги споредува со „акумулаторска киселина за срцето“. Тие содржат и до 1,5 пати повеќе кофеин од кафе, заедно со огромни количини шеќер – од 8 до 15 лажички. Оваа комбинација создава голем притисок врз срцевиот мускул. Тој посочува и трагичен случај на 28-годишна девојка, која редовно вежбала, а починала од срцев удар откако често консумирала вакви пијалаци.
Левин апелира луѓето да изберат поздрава алтернатива и да внимаваат што внесуваат. „Она што го пиете има огромно влијание врз вашето срце и целиот живот“, предупредува тој.