Пукање на универзитетот во Флорида – најмалку шестмина хоспитализирани, еден во критична состојба
Најмалку шест лица се хоспитализирани, од кои едно е во критична состојба, по пукање што се случи денеска на Државниот универзитет во Флорида, објавија американските медиуми. Осомничениот за нападот е уапсен веднаш по инцидентот, потврдија полициски извори за Си-Ен-Ен.
Инцидентот се случил околу пладне во зградата на Студентскиот сојуз, во рамки на универзитетскиот кампус во Талахаси, главниот град на Флорида.
На студентите и вработените им било препорачано итно да се евакуираат на безбедна локација.
Болницата Tallahassee Memorial HealthCare соопшти дека примила шест пациенти – едно лице е во критична состојба, а останатите се со тешки повреди.
На главниот кампус на универзитетот моментално студираат над 42.000 студенти.