Европскиот систем за брзо предупредување за небезбедни производи (RAPEX) издаде предупредување за играчка наменета за бебиња, која се повлекува од пазарот поради опасност од гушење.
Според известувањето, играчката има силиконски ленти за влечење и испакнат дел што е подолг од дозволеното. Надлежните предупредуваат дека малите деца можат да го стават овој дел во уста, што создава сериозен ризик од задушување.
Поради утврдените недостатоци, производот не е во согласност со европската Директива за безбедност на играчките, ниту со безбедносниот стандард EN 71-1, кој ги регулира барањата за играчки наменети за деца.
Играчката се продавала преку интернет, вклучително и на платформата Shein, а надлежните апелираат до родителите веднаш да престанат со нејзина употреба доколку ја поседуваат и да ги следат упатствата за нејзино повлекување или враќање.








