Додека есента веќе се чувствува во воздухот, Европа полека се подготвува за најволшебното време од годината. За сите кои сакаат да доживеат вистински празничен спектакл, порталот Time Out ја објави својата листа на 20 најдобри божиќни пазари во Европа за 2025 година.
Највисоко место зазеде Нирнберг, Германија, кој ќе го отвори својот пазар на 28 ноември, а магијата ќе трае до Бадник, 24 декември. Главниот плоштад, Хауптмаркт, се трансформира во вистинско божиќно царство со илјадници светла, дрвени куќи полни со локални производи и ароми на нирнбершки колбаси и греено вино. Локалните „ангели“ во традиционални носии им го даваат на посетителите незаборавен празничен шмек, особено на најмладите.
На второто место е Манчестер, Англија, опишан како идеална дестинација за „потценето британско празнично патување“. Градот во последните години вложи значајни средства во својата програма за адвент, нудејќи шарена и богата празнична понуда.
Третото место го зазеде Париз, Франција, каде градот буквално блеска во зимските месеци – од раскошно осветлените авении и пазари покрај Ајфеловата кула, до романтични прошетки покрај Сена, со илјадници светла и богата гастрономска понуда.
Без разлика дали ве привлекува германската традиција, британскиот шарм или париската елеганција, божиќните пазари се најдобриот начин да се доживее Европа во нејзиниот најсветол и магичен период.
Топ 10 најдобри божиќни пазари во Европа за 2025 според Time Out:
- Нирнберг, Германија
- Манчестер, Англија
- Париз, Франција
- Будимпешта, Унгарија
- Виена, Австрија
- Вилниус, Литванија
- Лондон, Англија
- Луцерн, Швајцарија
- Талин, Естонија
- Копенхаген, Данска