Лејди Гага направи неочекуван прекин на концертот во Токио Доум за да сподели емотивна порака која за кратко време одекна низ светот. По завршувањето на серијата од пет целосно распродадени концерти во Јапонија, пејачката се обрати директно до публиката, зборувајќи за состојбата во САД и за последиците од имиграциските политики поврзани со администрацијата на Доналд Трамп.
„За неколку дена се враќам дома и срцето ме боли кога мислам на луѓето, децата и семејствата во Америка кои се цел на ICE“, рече Гага, нагласувајќи дека многумина живеат во страв и неизвесност. Таа додаде дека кога цели заедници го губат чувството на безбедност и припадност, тоа остава длабока рана кај сите.
Во говорот се осврна и на неодамнешниот инцидент во Минесота, каде агентите на ICE пукале кон медицински техничар. „Постојат луѓе кои секојдневно се обидуваат да преживеат, не знаејќи што ќе донесе утрешниот ден“, истакна таа.
Како симболичен гест, Гага ја посвети песната „Come to Mama“ на „сите што страдаат, на оние што се чувствуваат сами, изгубени или беспомошни“. Таа повика на враќање на човечноста, милоста и одговорноста, со порака дека достоинството не смее да биде луксуз.
По јапонската турнеја, Лејди Гага се подготвува за настап на доделувањето на Греми наградите, каде годинава има рекордни седум номинации – најмногу во својата кариера, вклучувајќи Албум, Песна и Снимка на годината.

















