Плодната почва е основа за здрави и силни растенија, а според експертите за органско градинарство, една секојдневна намирница од кујната може да придонесе за подобар квалитет на земјиштето – јогуртот.
Ферментираните млечни производи содржат корисни бактерии кои можат да ја поттикнат активноста на микроорганизмите во почвата. Тие учествуваат во разградувањето на органската материја, што придонесува за подобра структура на земјиштето и создава услови за поголема плодност.
Сепак, експертите советуваат јогуртот никогаш да не се користи неразреден. Најдобро е да се измеша со вода и да се употребува повремено како дополнување, а не како замена за редовното ѓубрење.
Разредениот јогурт може да биде корисен и при подготовка на компост, бидејќи помага во побрзо разградување на органскиот отпад и создавање поквалитетен компост.
Во органското градинарство се смета дека ваквите корисни микроорганизми можат да придонесат и за поздрава микрофлора околу кореновиот систем, што создава подобри услови за раст и развој на младите растенија.
Сепак, стручњаците од градинарските портали The Spruce и Gardening Know How предупредуваат дека јогуртот не е чудотворно решение. Тој може да биде корисна поддршка за одржување на природната рамнотежа во почвата, но не може да ги замени квалитетното ѓубриво, правилното наводнување и редовната грижа за растенијата.








