Новата мапа на здравјето во Европа открива големи разлики меѓу земјите во однос на тоа колку години луѓето живеат здраво, без ограничувања во секојдневните активности. Според најновото истражување на „Евростат“, просечниот број на здрави години живот изнесува 63,3 за жените и 62,8 за мажите.
Интересно е тоа што, иако жените генерално живеат подолго, мажите во повеќето земји почесто имаат повеќе години без ограничувања во движењето и активностите.
На врвот на листата е Малта. Жените таму можат да очекуваат 70,3 години здрав живот, а мажите 70,1 година – што претставува највисок резултат во целата Европска Унија. Веднаш зад нив се Бугарките со 68,9 години и Словенките со 68,5 години во добро здравје.
На спротивната страна на скалата се Данска, Летонија и Холандија. Жените во Данска имаат само 54,6 години здрав живот, Летонките 55,4 години, а Холанѓанките 56,3 години. Кај мажите, најлошо е во Летонија со 53 години, Словачка со 56,6 години и Данска со 57,1 година.
Кај другите европски држави, Швеѓаните се издвојуваат со 67,5 години, а Италијанците со 67,1 години здрав живот, што ги става меѓу најдобрите на континентот.
Овие бројки покажуваат дека квалитетот на животот не зависи само од тоа колку долго живееме, туку и колку години можеме да ги поминеме активни, без сериозни здравствени ограничувања. Новата мапа јасно го прикажува контрастот меѓу северот, југоистокот и западот на Европа, отворајќи прашања за здравствените системи, начинот на исхрана и општествените навики во различни земји.