Граѓаните на земјите од Западен Балкан би можеле да ги користат своите мобилни телефони во земјите на Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг веќе од првиот квартал на 2027 година. Процесот за воведување на системот „роаминг како дома“ е во завршна фаза, а неговата реализација ќе зависи од потпишувањето на договорите и усогласувањето на законските и техничките процедури.
Според најавите, корисниците ќе можат да ги користат своите постоечки мобилни пакети во земјите на Европската Унија под истите услови како и во својата матична држава. Тоа значи дека разговорите, мобилниот интернет и СМС-пораките ќе се користат без дополнителни трошоци за роаминг, во рамките на пакетот што веќе го имаат кај својот оператор.
За да стапи во сила оваа промена, секоја земја од Западен Балкан ќе треба да потпише посебен договор со Европската комисија, да ги усогласи националните закони и да ги заврши неопходните технички подготовки кај мобилните оператори.
Очекувањата се дека целиот процес ќе биде завршен пред летната туристичка сезона во 2027 година, што значително ќе им го олесни патувањето на граѓаните низ Европа. Освен за туристите, придобивки ќе имаат и компаниите, превозниците и сите што често патуваат поради работа, бидејќи повеќе нема да има потреба од дополнителни СИМ-картички или посебни интернет-пакети.
Укинувањето на роамингот се смета за важен чекор кон поголема економска и дигитална интеграција меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан. Доколку сите процедури се реализираат според планот, граѓаните ќе можат да го користат мобилниот телефон низ Европа исто како да се во својата земја, без страв од високи сметки по враќањето од патување.







