Претседателот на Русија, Владимир Путин, присуствуваше на лансирањето на новата нуклеарна подморница во Мурманск, која е опремена со хиперсонични ракети Циркон. Подморницата, именувана по градот Перм во Урал, е прва која е вооружена со овие напредни ракети, кои имаат дострел од 1.000 километри и летаат деветпати побрзо од звукот.
Путин изјави дека Русија продолжува да развива модерни ракетни подморници, а ова е петта подморница во рамките на проектот „Јасен-М“. Тој нагласи дека следната година се очекува подморницата да стане дел од руската морнарица и да започне да извршува борбени задачи.
Претседателот најави зајакнување на руската воена морнарица со најсовремено оружје, технологии и комуникациски системи. Според него, новите подморници и бродови ќе ја зајакнат безбедноста на поморските граници на Русија, особено на Северниот морски пат. Ова ќе биде од клучно значење за зачувување на националните интереси на Русија во различни делови на Светскиот океан, вклучувајќи го и Арктикот, кој денес има големо економско и стратешко значење, особено во контекст на зголемената глобална конкуренција.
„Ќе продолжиме да работиме на тоа да го заштитиме територијалниот интегритет и суверенитет на Русија и да го консолидираме нејзиниот статус како водечка поморска сила“, изјави Путин.