Пензионираниот британски генерал и поранешен висок командант на НАТО, Сер Ричард Ширеф, предупреди дека ако Украина капитулира, рускиот претседател Владимир Путин ќе создаде хаос во Европа.
Ширеф, кој ги предводеше британските сили во првата Заливска војна и во Ирак, го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за нанесување „смртен удар“ на НАТО и предупреди дека евентуален мир со посредство на Трамп може да доведе до капитулација на Украина.
„Депортација, силување, масакр“
„Ако Украина падне, Путин ќе ја прогласи победата, ќе ги обнови своите вооружени сили и ќе се подготви за следниот потег. Тој никогаш нема да се откаже од целата Украина“, изјави Ширеф, кој служел како заменик врховен командант на НАТО во Европа.
Ширеф предупредува дека Путин ќе продолжи со агресија, насочувајќи ги своите сили кон Молдавија, Грузија и Романија, каде што ќе се меша во изборите и ќе постави свои марионети на власт. Следно, како што вели Ширеф, ќе се упати кон Балтикот.
„Ако дојде до тоа, ќе влеземе во војна со Русија, бидејќи имаме илустрација на што значи тоа – сојузниците во Балтикот, како Естонија, Латвија и Литванија, ќе бидат во опасност“, изјави Ширеф за „Сан“.
Ширеф сликовито опишува како би изгледал потенцијалниот руски напад на Балтикот: „Ќе изгледа како она што го видовме во Мариупол, Украина. Тоа значи депортација на деца, силување на жени и масакр на цивили. Такви се последиците кога Русија напаѓа“.
Мариупол, кој беше претворен во урнатини по рускиот напад во 2022 година, е слика на она што може да се случи ако агресијата на Русија не биде спречена.