Рускиот претседател Владимир Путин оствари телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, при што Кремљ објави соопштение во кое ја изрази поддршката за властите во Белград и за спротивставувањето на какво било странско влијание во внатрешните работи на Србија.
Според Кремљ, Путин му рекол на Вучиќ дека „надворешното мешање во внатрешната политичка ситуација во Србија е неприфатливо“ и ја изразил поддршката за дејствијата на легално избраната влада на Србија. Москва исто така ја нагласила „солидарноста со претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, како што е наведено во официјалното соопштение.
Во текот на разговорот, Путин и Вучиќ потврдиле подготвеност за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Русија и Србија, засновано на духовните, културните и историските врски меѓу народите на двете земји. Кремљ исто така посветил внимание на конкретни области за подобрување на соработката, особено во енергетиката.
Покрај тоа, Вучиќ потврдил дека во мај ќе отпатува за Москва за да ја одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна и дека Србија ќе испрати свои вооружени сили на воената парада на 9 мај.
Во соопштението беше додадено и дека Путин го искористил разговорот за да му го честита роденденот на Вучиќ, по повод неговиот неодамнешен 55-ти роденден. На крајот беше најавено дека контактите на различни нивоа ќе продолжат.