И покрај намалените трошоци на градежните материјали и за вработените, цените на становите продолжуваат да растат. Огромните профити на градежните инвеститори ги отвораат сомнежите за неформално „картелско градежно здружение“, велат синдикатите и дел од архитектите за „РСЕ“. Од Комисијата за заштита на конкуренција велат ќе реагираат кога ќе имаат сознанија или сериозни сомнежи за договарање меѓу конкурентни компании.
Со бели плажи, тиркизна вода и убаво време во текот на целата година, Аруба е остров во јужниот дел на Карипското море, каде со просечна плата од околу 2.300 евра може да се купи стан со просечна цена од 2.295 евра за метар квадратен, покажуваат податоците на светската дата база Нубио.

Слично како во Скопје, само без плажи и море, каде просечна цена на метар квадратен на стан во центарот на градот се движи од 2 до 3 илјади евра, ама просечната плата е 708 евра. Или, цената на квадратот е речиси иста, само што кај платите се три пати помали.
Некои од големите станови во Аруба што се полуксузни и поблиску до плажата се продаваат и за 4 илјади евра од метар квадратен, колку што е цената за квадратен метар за становите покрај Охридското Езеро или во луксузните апартмани на Водно, Карпош или пак строгиот центар на Скопје, покажуваат податоците од агенциите за недвижности.
Македонските институции веќе 4 години по ред ги кријат официјалните цени на пазарот со недвижнини, со тоа што не објавуваат извештаи од Регистарот на Агенцијата за катастар, каде просечната цена се добива врз база на склучените договори за продажба на станови.
Но, понудите од агенциите за недвижности покажуваат дека цените за метар квадратен во Скопје се движат од најмалку две илјади евра во Аеродром и Кисела Вода до 2700 во Центар и Карпош за ново изграден стан.

Три години потрага по „нормална“ цена на стан
Високите цени на становите во Скопје не ја откажаа од намерата 58 годишната штипјанка Катерина да трага по стан со „нормална цена“.
- „Пред три години кога почнав да барам стан, цената почна полека да расте, си мислев дека нема да порасне повеќе, се надевав ќе се намали. Но, баш напротив, во тие три години уште повеќе порасна цената метар квадратен. Ми се зголеми и киријата, ми требаше да купам стан, кога веќе плаќам, да и остане нешто на ќерка ми“, вели Катерина.