Банките во Македонија минатата година одработиле и заработиле 282,8 милиони евра. Износот ја претставува вкупната добивка остварена во банкарскиот сектор, во чиј состав, заедно со државната Развојна, се 13 банки. Резултатот е за 21,7 проценти подобар од профитот што ја одбележа претходната 2023 година. Креиран е во „услови на сериозни предизвици и неизвесности, проследени со неповолни движења“, посочуваат банките во своите извештаи. И, повторно потврдија дека се отпорни на надворешните и на внатрешните случувања и влијанија.
Во системот има пет големи, три средни и пет мали банки. Од нивното успешно функционирање, во ќар е и државата. Од нив наплатила 38,8 милиони евра на име данок на добивка. За 60,33 насто повеќе во однос на 2023 година, кога била инкасирана сума од 24,2 милиони евра. Пред да се намират давачките кон државата, вкупниот износ на профитот за 2024 година е 321,6 милиони евра, се гледа од податоците и показателите за банкарскиот систем што ги објави Народната банка, кои ги анализира порталот Пари.

Од аспект на групите банки, забележани се следните постигнувања: големите банки имаат профит од 284,7 милиони евра бруто и 249,69 милиони евра нето; средните – 27,07 милиони евра бруто и 24,32 милиони евра нето; малите банки9,77 милиони евра во бруто и 282,76 милиони евра во нето-износ. Остварувањата се засновани, во најголем дел, врз зголемената кредитна активност, но и врз растот кај депозитната база.
Во сето ова, најголем е придонесот на трите најголеми – Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ банка. Доминантната тројка на домашниот банкарски пазар лани оствари заедничка добивка од 191,2 милиони евра.

Пресметаните и наплатени камати на банките им обезбедиле приливи од вкупно 459,1 милион евра. Станува збор за нето-износ, кој споредено со нивото од претходната 2023 година, е повисок за 12,3 проценти. Подетално, само од каматите банките приходувале 576 милиони евра. Но, по таа основа имаат и трошоци, односно на клиентите им исплатиле 116,8 милиони евра. Од кои, на домаќинствата и на физичките лица – 104,5 милиони евра.