Снимките од масовното славје во Србија по изборната победа на студентската листа „Студентите победуваат“ предизвикаа огромно внимание на социјалните мрежи, а честитки пристигнуваат од граѓани од различни делови на светот.
На платформата Редит се појавија видеа од улиците на Белград, на кои се гледаат илјадници граѓани како ја прославуваат победата по долготрајните студентски протести.
Објавите предизвикаа бројни емотивни реакции, а меѓу честитките се најдоа и пораки од Македонија.
„Браќа, што направивте! Да сте живи уште сто години! Поздрав од Македонија“, напишал еден од корисниците.
Друг коментар, кој привлече внимание, гласи: „Честитки од срце, соседи. Убаво е да се види дека некој конечно на Балканот има 'рбет“.
Честитки пристигнале и од Хрватска, Словенија, Грција, Унгарија и Русија.
„Честитки, браќа! Заслужувате да живеете под демократска и некорумпирана влада. Поздрав од Грција“, стои во една од пораките.
Корисник од Русија напишал дека им завидува на граѓаните на Србија и им оддал признание на студентите што не се откажале од својата борба.
„Секоја чест на студентите што не дозволија да бидат обесхрабрени и стигнаа до победата“, се наведува во коментарот.
Поддршка пристигнала и од Индија, Австралија, Велика Британија и САД.
Еден корисник од Лондон истакнал дека случувањата во Србија им даваат надеж на луѓето ширум светот дека долготрајниот граѓански отпор може да донесе резултати.
Снимките од Белград продолжуваат да се споделуваат, а реакциите покажуваат дека изборните случувања во Србија привлекоа внимание далеку надвор од границите на Балканот.










