ПРВ.мк

Ќе има ли Македонија државни енергетски капацитети – планови и инвестиции? Божиновска за 24 Вести: „Најдобро е државата сама да ги гради“

Ќе има ли Македонија државни енергетски капацитети – планови и инвестиции? Божиновска за 24 Вести: „Најдобро е државата сама да ги гради“
Jumbo Banner

Во интервју за 24 Вести, министерката за енергетика Сања Божиновска откри неколку клучни енергетски проекти и потврди дека фокусот на државата е насочен кон зголемување на сопствените енергетски капацитети, стабилизирање на мрежата и забрзување на транзицијата кон чиста енергија.

Министерството денес потпиша договор со македонска компанија за изградба на нов гасовод до границата со Грција, долг 68 километри, со рок на реализација од 22 месеци. Овој гасовод е дел од новата енергетска стратегија – да се обезбедат алтернативни правци на снабдување и Македонија да стане транзитна точка кон Централна Европа.

„Ова е прв пат државата да гради ваков инфраструктурен објект, со свои компании, и токму тоа е нашата цел – државни капацитети, со домашни ресурси. Најдобро би било и другите стратешки проекти да ги реализираме самите“, порача Божиновска.

Посебно внимание се посветува на Чебрен и Галиште – еден од најдолговечните, но и најстратешки енергетски проекти. Според министерката, сите можности сериозно се разгледуваат: колкава да биде браната, каков да биде системот, колку ќе чини изградбата, и како најдобро да се пристапи до конечно решение.

„Сакам да бидеме крајно прецизни во проценките. Работна група од истакнати инженери, професори и експерти, кои учествувале и во реализација на последните државни енергетски капацитети, веќе ја разгледува целата документација за Чебрен за да дојдеме до најдоброто решение.“, истакна Божиновска.

Таа додаде дека најдобра опција е државата самата да го изгради Чебрен – било преку кредити или друг модел на финансирање. Но, како што рече, „ова дополнително ќе се одлучува“, особено ако се земе предвид состојбата со буџетот што била затекната при преземањето на ресорот.

Паралелно со крупните проекти, сериозно се работи и на стабилизирање на преносната мрежа и инвестиции во нејзино зајакнување. „Без силна преносна мрежа, сите нови капацитети се залудни. Внимаваме и на зачувување на мрежата, но и на нејзина модернизација и отпорност“, рече министерката.

Божиновска подвлече дека државата е интензивно ангажирана и во развој на обновливите извори, но напомена дека само тоа не е доволно.

„Обновливата енергија е одлична, но ја има само кога има сонце или ветер. Нам ни треба базна енергија и во зима и навечер. Затоа со новиот Закон за обновливи извори ќе воведеме обврска сите нови објекти да имаат минимум 20% капацитет во батерии. Тоа е системски пристап, не само инвестиции без план“, потенцира Божиновска.

Со новите политики и пристапи, Министерството за енергетика планира да создаде одржлив, стабилен и пред сè државен енергетски систем што ќе биде темел за економски развој и сигурност во следните децении.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран