ПРВ.мк
Економија

ЕУ оствари трговски бум: Земјоделско-прехранбените стоки донесоа 2,9 милијарди евра суфицит

ЕУ оствари трговски бум: Земјоделско-прехранбените стоки донесоа 2,9 милијарди евра суфицит

Трговската размена на земјоделско-прехранбени стоки во Европската унија остана стабилна во мај 2025 година, остварувајќи трговски суфицит од 2,9 милијарди евра, и покрај растот на цените на клучните увозни стоки, според најновиот извештај на Европската комисија.

Вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ во трети земји во мај достигнал 19,9 милијарди евра, што претставува минимално намалување од еден процент во однос на претходниот месец, но зголемување за еден отсто во однос на мај 2024 година. Во периодот јануари-мај 2025, извозот достигнал 99,6 милијарди евра, што е зголемување за 2,3 милијарди евра или два проценти во споредба со истиот период лани.

Најголем пазар за европски производи останува Велика Британија, на која отпаѓа 23% од вкупниот извоз. Извозот во САД се зголемил за шест проценти, додека извозот во Кина се намалил за 11% поради падот на житните култури.

Најголем раст на извозот по групи е забележан кај „кафе, чај, какао и зачини“, со 39% зголемување, пред се поради поскапување на какаото и кафето. Извозот на чоколада и кондиторски производи се зголемил за 20%, додека извозот на млеко и млечни производи пораснал за седум проценти. Наспроти тоа, извозот на житни култури се намалил за 22%, а извозот на маслинки и маслиново масло за 14% поради падот на цените.

Увозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ во мај достигнал 17 милијарди евра, што претставува зголемување за четири проценти во однос на претходниот месец и за 15% во однос на мај 2024 година. Главни увозни партнери се Бразил, Велика Британија, САД, Кина, Австралија и Канада.

Зголемувањето на увозот е пред се поради повисоките цени на кафе, чај, какао, зачини, овошје и јаткасти плодови, додека увозот на маслинки, маслиново масло и шеќер се намалил.

Севкупно, ЕУ го одржува својот стабилен земјоделско-прехранбен сектор и покрај предизвикувачките трговски услови и растот на цените.

Escape