ПРВ.мк

Димитриеска – Кочоска за „Алфа“: Домаќинското работење и инвестициите ги консолидираа состојбите и го намалија јавниот долг

Димитриеска – Кочоска за „Алфа“: Домаќинското работење и инвестициите ги консолидираа состојбите и го намалија јавниот долг
Jumbo Banner

Со домаќинско работење, намалување на непродуктивните трошења и напорите за подигнување на економската активност до намалување на јавниот долг за 4,7 пп на нивото од 57,7% од БДП. По подолг период македонскиот јавен долг се намали, не само процентуално, туку и во апсолутна бројка. Податоците за првиот квартал од годинава покажуваат дека јавниот долг е намален за 36 милиони евра.  Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска за Алфа вели дека предизвиците од претходниот период биле големи, па морало да се консолидираат финансиите и внимателно да се трошат народните пари. Овие податоци според нејзе се дијаметрално спротивни од оние во времето на претходната влада, кога во истиот период лани јавниот долг бил зголемен дури за 292 милиони евра

„Вие може да слушате многу често дека одредени работи се штедат, се внимава, па како министерката за финансии во дадени ситуации е малку построга. Ние немаме друг избор освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години. Сега граѓаните можат да споредуваат дали работиме домаќински со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или некој пред нас работел домаќински кога долгот го зголемил за 292 милиони евра за ист период, почеток на година, и минатата и оваа“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии.

Политиката на Владата е домаќинското работење да продолжи. Јавниот долг може и дополнително да се намали на 55% од БДП преку  висока реализација на инвестициите кои се спроведуваат пред се во делот на инфраструктурата. Министерката за финансии сепак е претпазлива во проекциите и вели дека е подобро да се излезе и со полоши проекции кои потоа ќе бидат побиени со добри економски резултати. Таа не отстапува од проекциите за економски раст од 3,7% годинава и покрај пониските очекувања на меѓународните финансиски институции. Најавува и прекројување на државната каса во јули, пред да се распишат локалните избори.

„Ќе имаме една мини прераспределба јас би ја рекла или прераспределба како што ја кажуваат во министерството за финансии во однос на овие проекти кои се пренаменети за општините. Ако се сеќавате во буџетот, ние ги предвидовме, меѓутоа беа ставени во „Функции на држава“ од причина што не можевме однапред да знаеме кој ќе биде интересот на општините, дали ќе сакаат повеќе проекти кои се поврзани со Министерство за транспорт или со Министерство за земјоделство, култура, спорт и заради тоа ги ставивме таму. Сега веќе имаме отприлика слика точно каде колку треба да се пренасочат средства и затоа ќе имаме една мини прераспределба, би рекла, а она што значи ребаланс на буџетот ќе биде некаде во месец јули пред да ги распишеме изборите“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии.

Вкупниот јавен долг во моментов изнесува 9,58 милијарди евра. Државниот долг пак изнесува 8,3 милијарди евра. Ова е најнизок јавен долг како процент од БДП во последниве 5 години.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран