Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска присуствуваше на јубилејното петто издание на Science@FEIT – првиот меѓународен конгрес на техничките факултети во Македонија, организиран од студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Во своето обраќање, Божиновска изрази длабоко восхитување од енергијата и визијата на младите инженери, кои, како што рече, заедно со професорите, истражувачите и индустриските експерти, ја создаваат иднината преку знаење и иновации.

„Овој настан е повеќе од конгрес – тој е платформа која го спојува академскиот свет, науката и индустријата, и отвора простор за нови партнерства и решенија. Младите инженери покажуваат дека се движечка сила на општествената трансформација,“ изјави министерката.

Под мотото „Инженерството ја гради иднината“, Science@FEIT уште еднаш го потврди клучното место на техничките науки во развојот на современото општество.
Министерката Божиновска ја нагласи посветеноста на Владата кон унапредување на високото образование и поддршка на младите кадри: „Ќе продолжиме да инвестираме во талентот и знаењето. Тука се темелите на иднината која сите ја посакуваме за Македонија.“
Настанот привлече бројни домашни и меѓународни учесници и уште еднаш го потврди ФЕИТ како водечка институција во развојот на техничката наука во земјата.