Скопје. 25 април 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предложи нов Закон за енергетика кој најавува големи промени за граѓаните и енергетскиот систем во Македонија. Министерката Сања Божиновска појасни дека законот, кој содржи 317 члена, е веќе во собраниска процеура и поминал без забелешки на собраниските комисии.
Новото законско решение предвидува формирање на локални енергетски заедници, каде граѓаните ќе можат заеднички да поставуваат соларни панели, да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби и да го продаваат вишокот. Ова ќе им овозможи на граѓаните поголема контрола врз потрошувачката и значајни заштеди на сметките за струја.
Првпат се воведува и методологија за утврдување на енергетската сиромаштија. Според Божиновска, досега неофицијално се идентификувани околу 50.000 домаќинства како енергетски ранливи, но со новата методологија ќе се добијат точни податоци. Ранливите категории ќе бидат заштитени со пониски цени, државни субвенции и забрана за исклучување од електрична енергија, со цел ниту едно домаќинство да не остане без струја поради сиромаштија.
Законот пропишува обврска операторот ЕВН во рок од седум години да ги замени 80% од постоечките броила со паметни смарт броила кои ќе овозможат далечинско читање на потрошувачката и ќе спречат задоцнето издавање на сметки. Секој потрошувач ќе има можност за промена на снабдувачот за струја во рок од 48 часа, без трошоци за домаќинствата и малите бизниси.
Исто така, законот воведува регулација за батериски системи за складирање на електрична енергија, што ќе овозможи користење на соларна енергија и ноќе. Со тоа се стимулира развојот на обновливите извори на енергија и се зголемува сигурноста на електроенергетскиот систем.
Голем фокус се става и на јакнење на државната контрола врз енергетската инфраструктура. Со новиот закон, операторот на електропреносниот систем МЕПСО ќе премине под сопственост на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со тоа, се осигурува дека МЕПСО останува во државна сопственост и нема да биде предмет на приватизација.
Божиновска истакна дека Министерството веќе работи на изготвување на десетгодишен план за развој на преносниот систем за да се подготви инфраструктурата за зголемен обем на обновлива енергија и потребите од е-мобилност. Новите регулативи ќе стимулираат инвестиции, ќе го либерализираат пазарот и ќе создадат посигурен, модерен енергетски систем, подготвен за идните климатски предизвици и европските стандарди.
„Овој закон е за иднината на Македонија. Ќе создаде стабилни цени, ќе го стимулира економскиот раст, ќе го забрза технолошкиот напредок и ќе нè приближи до европските климатски цели за 2050 година. Целта ни е Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја“, заклучи министерката Божиновска.