Глобалните пазари на нафта забележаа драстичен раст – реперот Брент скокна за околу 10%, достигнувајќи приближно 80 долари за барел, додека американската сурова нафта се искачи на околу 72 долари за барел. Економските аналитичари предупредуваат дека ако трендот продолжи, цената може да премине 100 долари, што би претставувало пресвртна точка за светските пазари.
Сепак, во земјава засега нема значителни поскапувања на нафтените деривати, по последната одлука на РКЕ. Малопродажните цени ги пресметуваат врз основа на податоците од изминатите пет дена, па засега единствено бензинот и мазутот ќе поскапат за околу 1 денар по литар, додека дизелот останува на иста цена.
Бесим Кока потврдува дека резервите се на задоволително ниво и дека сите предвидени ресурси се достапни во количини кои гарантираат стабилност при евентуални нарушувања на пазарот. Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека законските резерви се исполнети за период од 40 до 90 дена.
Во меѓувреме, конфликтите на Блискиот Исток го зајакнаа хаосот во авиосообраќајот – само утрово беа откажани над 1.200 летови, а за викендот околу 6.000, оставајќи стотици илјади патници заглавени. Аналитичарите предупредуваат дека нарушувањата на пазарот на нафта влијаат и на синџирите на снабдување, храна и авиосообраќајот, создавајќи глобална нестабилност.

















