Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира на новиот Предлог-закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го усвои вчера, повикувајќи на негово веднаш стопирање и да не се проследува до Собранието. Тие ја критикуваат одлуката за донесување на закон по скратена постапка, без консултација со засегнатите страни и без јавна расправа, што го нарекуваат повторување на претходните погрешни практики.
АСОМ предупредува дека со новиот закон се загрозуваат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во поврзани индустрии. Истовремено, државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно, што ќе резултира со уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички интереси.
Законот, според АСОМ, нема да ги заштити граѓаните, туку напротив ќе ги стави во поголем ризик. Затворањето на легалните објекти ќе доведе до раст на нелегалните казина и обложувалници, како што се случи во 1990-тите години. Тие посочуваат дека одредбата за оддалечување од 500 метри од училиштата е нерационална и неоснована, бидејќи индустријата веќе е строго регулирана и малолетниците не можат да учествуваат во игрите.
АСОМ ја критикува и одредбата со која се монополизира приредувањето на интернет игри на среќа, доделувајќи го ова исклучиво на државата, исклучувајќи ги лиценцираните приватни приредувачи.
Последиците од законот ќе бидат принудна дислокација на објектите, зголемување на давачките, и директно нарушување на правната сигурност на лиценците. Сето тоа ќе доведе до затворање на легалната индустрија и губење на илјадници работни места.
АСОМ предупредува дека ваквиот закон ќе удри и врз пазарот на недвижности, каде над 800 закупени објекти ќе останат празни.
Јавноста се повикува да биде свесна дека законот нема да ги заштити играчите, туку ќе ги загрози нивната безбедност и ќе го зголеми криминалот.
АСОМ најавува дека ќе се бори против законот со сите расположливи средства, вклучувајќи и можни масовни протести, доколку Владата не го повлече предлогот и не пристапи кон конструктивен дијалог за донесување на функционален и европски закон.