Страшна трагедија го потресе главниот град на Тајланд, откако во текот на ноќта избувна разорен пожар во барот Rong Beer Na Lat Phrao во Бангкок. Според досега објавените информации, најмалку 27 лица го загубиле животот, додека осуммина се здобиле со тешки и критични повреди.
Според информациите што ги пренесуваат светските медиуми, меѓу загинатите има 18 жени и девет мажи. Пожарот избувнал во близина на сцената, по што огнот за многу кратко време се проширил низ објектот, предизвикувајќи паника меѓу присутните.
Очевидци раскажуваат дека гостите во очај се обидувале да најдат излез од локалот, додека други барале засолниште на различни места во објектот. Голем број од жртвите, според првичните информации, се сокриле во тоалетот надевајќи се дека ќе се спасат од пламените јазици, но токму таму подоцна биле пронајдени без знаци на живот.
Сцените што ги затекнале спасувачките екипи биле потресни. Во внатрешноста на барот масите останале со недопрени шишиња и чаши, прекриени со слој пепел, додека низ просториите сè уште се чувствувал силен мирис на изгорена пластика. Голем дел од прозорците биле искршени, а пожарот оставил сериозни оштетувања во целиот објект.
Пожарникарските екипи реагирале веднаш по пријавата и успеале да го локализираат и целосно да го стават пожарот под контрола за околу 30 минути. Сепак, и покрај брзата интервенција, бројот на жртвите е голем.
Првичните сознанија од истрагата укажуваат дека можно е пожарот да бил предизвикан од електричен краток спој во клима-уред, но надлежните нагласуваат дека конечната причина ќе биде утврдена по завршувањето на деталната истрага.
Светските медиуми потсетуваат дека ова не е прв ваков трагичен случај во Тајланд, каде и претходно имало пожари во угостителски објекти, по што властите најавуваа засилени контроли и подобрување на безбедносните стандарди.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се шират бројни видеа од трагедијата, на кои може да се забележи паниката меѓу присутните, како и пламенот што за неколку моменти целосно го зафатил влезот на локалот, оставајќи зад себе катастрофални последици.







