Девет лица го загубија животот во тешка авионска несреќа што се случи во неделата попладне во округот Палм Бич, во американската сојузна држава Флорида. Приватен авион, кој летал од Остин, Тексас, кон Бахамите, се урнал во близина на прометна сообраќајница, при што на местото на ударот се создал голем кратер, а остатоците од леталото се запалиле.
Запалените делови од авионот завршиле на само неколку метри од околните куќи и деловни објекти, предизвикувајќи голема загриженост кај жителите и луѓето кои се наоѓале во близина. Според официјалните информации, сите девет лица што биле во леталото загинале, објави Си-ен-ен.
Станува збор за авион од моделот „Лирџет 60“. На видеоснимка направена од возило што се движело во близина се гледа моментот кога леталото нагло удира во прометната сообраќајница, по што веднаш избувнува пожар.
Последните зборови на пилотот пред падот
Особено вознемирувачки се информациите од комуникацијата меѓу пилотите и контролата на воздушниот сообраќај, кои откриваат дека екипажот пријавил сериозни проблеми пред несреќата.
Според податоците од комуникациите и следењето на летот, авионот се движел кон исток кога пилотите пријавиле турбуленции, замрзнување и врнежи. Поради условите во воздухот, тие побарале дозвола да ја зголемат висината на летот за дополнителни 2.000 стапки.
Меѓутоа, само неколку моменти подоцна, авионот почнал нагло да ја губи висината и забрзал над своите проектни граници.
Во комуникацијата со контролата на летање, пилотот испратил итен повик за помош, пријавувајќи дека леталото се спушта со исклучително голема брзина.
„Се спуштаме со 8.000 стапки во минута. Мејдеј, мејдеј, се спуштаме со 10.000 стапки во минута. Ќе се срушиме на земја“, предупредил пилотот.
Терминот „Мејдеј“ претставува меѓународно признат сигнал за итен случај, кој се користи во гласовната радиокомуникација кога екипажот се соочува со сериозна опасност и бара итна помош.
Според информациите што ги објави Си-ен-ен, околу 35 секунди по првиот повик за помош, од пилотската кабина се слушнале и последните зборови: „Ни истекува времето“.
Набргу потоа авионот се урнал.
Сè уште нема информации за причините за несреќата
Надлежните американски институции сè уште не соопштиле што точно довело до падот на приватниот авион. Истрагата треба да утврди кои околности придонеле за несреќата и што се случувало во последните моменти од летот.
Засега не е објавен ниту идентитетот на деветтемина загинати. Официјалните лица не откриле колку од нив биле патници, а колку членови на екипажот.
Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи, потврди дека сите девет лица во авионот го загубиле животот, оценувајќи го настанот како „ужасна трагедија“.
ДеСантис: Изгледаше како да паѓа проектил
На местото на несреќата пристигна и гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, кој ја опиша случката како катастрофална авионска несреќа.
Тој посочи дека последиците од ударот биле огромни, а глетката на местото на падот била особено впечатлива.
„Изгледаше како да паѓа проектил, а имаше голем кратер покрај патот“, изјави ДеСантис.
Гувернерот додаде дека делови од авионот биле расфрлани на големо растојание од местото на ударот.
И фотографиите направени по несреќата ја покажуваат сериозноста на последиците. На нив се гледа оштетен дел од сообраќајницата, како и пламен на земјата, додека остатоците од леталото биле расфрлани во околината.
Истрагата за причините за падот продолжува, а засега останува неразјаснето што точно довело до губењето на контролата врз авионот.








