Триесет и деветгодишен жител на Скопје бил приведен откако неговата сопруга го пријавила за физички напад, закани и малтретирање, наведувајќи дека тој ја избркал и од семејниот дом во скопската општина Гази Баба.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 31 октомври, околу 17:30 часот. Жената во пријавата навела дека во изминатите години била изложена на психичко и физичко малтретирање од страна на сопругот.
По добиената пријава, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје презеле мерки и го лишиле од слобода М.М. (39).
Мажот бил приведен во 21:55 часот во Полициската станица Кисела Вода.
Од МВР информираат дека случајот ќе биде целосно документиран, по што ќе следува соодветна пријава.








