Тензии и инциденти избувнаа во Косово по изрекувањето на пресудата во Хаг против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни лидери на ОВК.
Илјадници граѓани претходно се собраа во центарот на Приштина, каде на голем екран го следеа изрекувањето на пресудата. По објавувањето на одлуката, дел од демонстрантите се упатија кон седиштето на мисијата ЕУЛЕКС во Косово Поле, а протестот на моменти прерасна во инциденти.
Според локалните медиуми, кон објектот биле фрлани камења и шишиња, а пред зградата биле распоредени специјални полициски единици. При инцидентите биле искршени и прозорци, а едно лице било приведено.
Дел од демонстрантите потоа се вратиле во центарот на Приштина, пред зградата на Владата на Косово. И таму биле фрлани камења, додека од толпата се слушале скандирања „УЧК“ и имињата на осудените поранешни лидери на ОВК.
Тензии биле регистрирани и во Хаг, каде поддржувачи на Тачи и останатите обвинети се собрале пред судот. Тамошната полиција интервенирала откако дошло до судири со дел од демонстрантите.
Специјализираните совети на Косово го осудија Хашим Тачи на 25 години затвор. Јакуп Красниќи исто така доби 25 години, Кадри Весели 18, а Реџеп Селими 13 години затвор. Четворицата беа прогласени за виновни за воени злосторства – незаконско лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства.
Истовремено, судот ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека постоел широк или систематски напад врз цивилното население. Пресудата е првостепена и може да биде обжалена.
Видео:








