ПРВ.мк
Црна Хроника

Од свадба во трагедија: Младоженец загина на само неколку минути од црквата

Од свадба во трагедија: Младоженец загина на само неколку минути од црквата

Свадбениот ден кој требало да биде еден од најсреќните во животот на едно младо семејство, во Белгија завршил со незамислива трагедија.

Дваесет и деветгодишниот Жордан Кинард загинал во тешка сообраќајна несреќа само неколку минути пред да пристигне во црквата, каде што требало да се венча со својата избраничка Полин.

Несреќата се случила во саботата околу 13:30 часот, на шумски дел од патот меѓу Ошамп и Рекоњ, во белгиската покраина Луксембург.

Автомобилот во кој се наоѓал младоженецот, од засега непознати причини, излетал од коловозот. Зад воланот бил неговиот кум, кој воедно е и брат на невестата.

Кумот бил повреден и итно пренесен во болница, додека за 29-годишниот Жордан, и покрај брзата интервенција на пожарникарите и итните служби, немало спас. Тој бил прогласен за мртов на местото на несреќата.

Според првичните информации, во сообраќајката не учествувало друго возило. Во автомобилот имало уште неколку лица, а полицијата започнала истрага за да утврди како дошло до трагедијата.

Особено потресен е фактот што Жордан бил на само неколку минути од црквата каде што го чекала Полин.

Двојката веќе била официјално во граѓански брак, откако нешто повеќе од еден месец претходно се венчала во градското собрание во Либрамон. Во саботата требало да ја одржат и црковната венчавка.

Жордан зад себе оставил и две деца.