Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска треба да продолжи во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот се наоѓа во доказна постапка, а во продолжението на судењето се очекува да бидат изведувани доказите предложени од одбраната.
На претходното рочиште пред судот сведочеше вештото лице и технички советник од областа на градежништвото Петре Русевски, кој бил предложен од првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“.
Русевски во своето сведочење навел дека закупецот на просторот не презел градежни активности кои би можеле да се сметаат за реконструкција на објектот. Според неговото објаснување, биле извршени градежно-занаетчиски работи и ентериерно уредување за потребите на дејноста која се вршела во објектот.
Токму на оваа изјава следувала бурна реакција од родителите на загинатите.
Дел од родителите во судницата го нарекле првообвинетиот „убиец“, по што судот реагирал и побарал дел од нив да ја напуштат судницата.
Во меѓувреме, обвинителството веќе го заврши изведувањето на своите докази. Во досегашниот тек на постапката биле изведени вкупно 1.390 материјални докази, а биле сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Одбраната, пак, како што е најавено, има предложено дури 244 сведоци, чие сослушување треба да следи во продолжението на доказната постапка.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим составен од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година во Кочани, за време на настапот на музичката група ДНК. Во несреќата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста и претставува една од најтешките несреќи во поновата историја на Македонија, а судската постапка продолжува со изведување на доказите на одбраната.





