Училишен излет кој требало да биде ден исполнет со дружење и забава се претворил во голема трагедија во Холандија, откако автомобил удрил во група ученици кои биле на велосипедска тура. Во несреќата животот го загубиле четири лица, меѓу кои и три деца.
Според информациите објавени од медиумите, трагичниот настан се случил во близина на селото Вогелварде, во југозападниот дел на Холандија, недалеку од границата со Белгија.
Надлежните служби соопштиле дека патнички автомобил удрил во група составена од 14 деца кои учествувале на училишен камп и двајца возрасни придружници. Од силината на ударот, три лица починале на самото место.
Едно од повредените деца било итно пренесено во болница, но подоцна им подлегнало на повредите, со што бројот на жртви се искачил на четири.
Покрај загинатите, уште неколку лица од групата биле повредени и префрлени на лекување во болница. Полицијата засега не соопштува повеќе детали за нивната возраст и здравствена состојба.
Во врска со несреќата, полицијата привела 19-годишен маж. Надлежните не откриваат дали станува збор за возачот на автомобилот или за лице поврзано со случајот, додека истрагата продолжува.
Трагедијата предизвика силни реакции во Холандија. Премиерот Роб Јетен преку социјалните мрежи изрази сочувство и поддршка до семејствата на жртвите, истакнувајќи дека денот кој требало да биде исполнет со убави спомени и училишни активности се претворил во вистински кошмар за сите инволвирани.








