Познат е идентитетот на двете лица кои го загубија животот во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на експресниот пат Градско–Прилеп, по исклучокот за Кавадарци.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во несреќата учествувале патничко возило „Шкода октавија“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 51-годишниот Ж.Р. од Прилеп, и патничко возило „Фолксваген голф“, исто така со прилепски регистарски таблички, зад чиј волан бил 39-годишниот Т.М. од Прилеп.
Несреќата била пријавена во ОВР Кавадарци околу 13:30 часот. Од силината на судирот, на самото место животот го загубиле возачот на „шкодата“, Ж.Р., како и неговата сопатничка Б.Б. (42) од Прилеп. Смртта на двајцата ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Кавадарци.
Во меѓувреме, возачот на „голфот“ се здобил со тешки телесни повреди. По укажаната лекарска помош во Општата болница во Кавадарци, тој бил префрлен на понатамошно лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
На местото на несреќата бил извршен увид од јавен обвинител, во координација со увидна екипа од ОВР Кавадарци. Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на причините и околностите што довеле до оваа трагична сообраќајна несреќа.







