Трагичната вест за смртта на пејачапката Лорен Бенет, позната како членка на групата „G.R.L.“ и интерпретаторка на светскиот хит „Party Rock Anthem“, длабоко ја потресе светската музичка јавност и нејзините обожаватели.
Според деталите изнесени на судското сослушување во Мејдстоун, Англија, 36-годишната пејачапка била пронајдена мртва по потрагата што ја организирале нејзиниот сопруг, актерот и кореограф Кени Вормалд, и нејзиниот татко Ричард. Истрагата утврдила дека нејзиното ментално здравје се влошувало од јануари 2026 година, а надлежните органи заклучиле дека смртта настапила како последица на самоубиство.

Кобниот ден, Лорен му кажала на својот сопруг дека планира утринска шетња во близина на нивниот дом во Меофем, во англиската грофовија Кент. Кога со часови не се вратила ниту одговарала на повиците, нејзиниот сопруг и татко веднаш тргнале во потрага. Вормалд успеал да ја лоцира локацијата на нејзиниот мобилен телефон преку специјална апликација, по што уредот бил пронајден во густа шума на околу 15 минути пешачење од нивниот дом.
На судското рочиште било соопштено дека Лорен во минатото се соочувала со сериозни здравствени предизвици, вклучително и дијагностициран „фрагилен X синдром“, генетска состојба често поврзана со зголемена анксиозност. Нејзината борба со менталното здравје особено се интензивирала во текот на јануари 2026 година, кога поради непроспиени ноќи и потешкотии во перцепцијата на стварноста побарала стручна психијатриска помош и ѝ биле препишани соодветни терапии. Оваа трагедија уште еднаш го сврте вниманието на јавноста кон важноста од навремено препознавање на проблемите со менталното здравје и давање поддршка на лицата кои минуваат низ тешки животни периоди.








