Тешка сообраќајна несреќа со трагичен исход се случила попладнево на регионалниот пат Градско – Прилеп, во близина на Росоман, каде животот го загубил 89-годишен пешак од селото.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи – Велес, несреќата се случила околу 18:55 часот. Во постариот маж удрило товарно возило „Сканиа“ со приколка, со кавадаречки регистарски таблички, управувано од 45-годишен возач од Кавадарци.
Од силниот удар, пешакот се здобил со тешки повреди од кои починал на самото место. Смртта ја потврдила екипа на Итната медицинска помош од Кавадарци која пристигнала на местото на несреќата.
По трагедијата, на терен излегла дежурна екипа од ОВР Кавадарци која извршила увид, а за случајот бил известен и јавен обвинител. Надлежните институции треба да ги утврдат точните причини и околности под кои дошло до несреќата.
Поради увидот и расчистувањето на случајот, сообраќајот на оваа делница бил привремено запрен, а возилата биле пренасочувани по регионалните патишта Р103 и Р107.










