Страшна семејна трагедија се случила во софиската населба „Младост“, каде животот го загубиле шестгодишно момче и неговиот 40-годишен татко.
Според првичните информации од бугарските медиуми и полицијата, околу 11 часот мажот паднал од петтиот кат на станбената зграда во која живеел. Набргу потоа, во семејниот стан било пронајдено и шестгодишното дете со повеќе убодни рани.
На местото пристигнале екипи на Итната медицинска помош, но можеле само да ја констатираат смртта на таткото и детето.
Првиот повик до службите бил регистриран околу 11:20 часот, а директорот на софиската полиција Николај Пелтеков соопштил дека во врска со трагедијата биле примени вкупно четири пријави.
Според досегашните информации, бабата на детето излегла да пазари, а кога се вратила го пронашла својот внук во тешка состојба и веднаш повикала помош. Во станот живееле момчето, неговиот татко и родителите на таткото.
Полицијата соопштила дека 40-годишниот маж и претходно бил приведуван поради агресивно однесување и дека бил сместуван во установа за психијатриска грижа. Надлежните сега ги проверуваат сите околности, вклучително и информациите поврзани со неговата претходно препишана терапија.
Според првичните информации, претходно немало пријави за семејно насилство или конфликти со соседите што би укажувале дека може да се случи ваков настан.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат што точно се случувало во станот и под кои околности настапила смртта на таткото и шестгодишното дете.








