Во атарот на гостиварското село Неготино, надлежните служби ноќеска пронашле тело на засега неидентификувана жена, закопано во земјена дупка. Случајот веднаш го презеде Основното јавно обвинителство Гостивар, чиј јавен обвинител извршил увид на местото и дал насоки за понатамошните дејствија.
Поради сомнеж дека телото може да припаѓа на жена која претходно била пријавена за исчезната, а за која имало индиции дека можеби била противправно лишена од слобода, обвинителството наредило да се извршат обдукција и официјална идентификација. Истовремено, од местото се собираат сите релевантни траги со цел да се расчистат околностите околу настанот.
Во текот на ноќта биле преземени повеќе истражни мерки. За едно лице е одреден краткотраен притвор од 48 часа, за да се обезбедат потребните докази и да се утврди неговата поврзаност со случајот. Дополнително, уште едно лице е задржано и во моментов се вршат проверки.
Истражните органи продолжуваат да работат на целосно расветлување на случајот и утврдување на причините и одговорноста за смртта на жената.
















