Шест полициски службеници ќе се соочат со дисциплинска постапка и мерки за суспензија поради утврдени неправилности во полициското постапување при инцидентот од 7 октомври, во кој, според пријавите, била употребена прекумерна физичка сила врз неколку лица, при што тие се здобиле со телесни повреди.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презема активности за целосно расветлување на случајот.
При досегашните проверки, анализата на обезбедените видеоснимки и разговорите со сведоци биле утврдени повеќе неправилности во постапувањето на полициските службеници.
Поради констатираните пропусти, против шестмина полицајци ќе биде поведена постапка за повреда на работниот ред и дисциплина. Воедно, ќе бидат преземени мерки за нивно отстранување од работните места, односно суспендирање.
Паралелно се постапува и по пријавите во кои се изнесени сомневања за можни кривични дела, доставени до Одделот за внатрешна контрола и Секторот за внатрешни работи Скопје. Надлежните обвинителства издаваат наредби за потребни вештачења, по кои веќе се постапува.
Од МВР информираат дека по прибирањето и целосното документирање на доказниот материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Случајот се однесува на наводна прекумерна употреба на полициска сила врз момчиња. Со истрагата треба да се утврдат сите околности на настанот и евентуалната одговорност на инволвираните полициски службеници.






