Основниот кривичен суд одреди ефективен притвор за шестмина осомничени во истрага поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на лекови и медицински помагала. Четворица добија куќен притвор, додека за девет лица се изречени мерки на претпазливост.
Според Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во текот на 2026 година дел од осомничените формирале две криминални групи, на кои подоцна им се приклучиле и други лица. Преку фирми во Скопје и Битола, тие наводно организирале набавка на фалсификувани лекови и медицински производи, меѓу кои и ботокс, од Србија, Кореја и Турција, по што нелегално ги внесувале во земјата за понатамошна дистрибуција и употреба.
Иако биле свесни дека станува збор за нерегистрирани производи без одобрение од надлежната агенција МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле и естетски интервенции, со што, според обвинителството, го загрозувале здравјето на граѓаните.
Меѓу осомничените има лекари од болницата „8 Септември“ и Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни ординации и лица вклучени во транспорт и дистрибуција на препаратите.
Од судот информираат дека од 11 поднесени предлози за притвор, шест се прифатени, четири се заменети со куќен притвор, а за девет лица се определени мерки на претпазливост.
Истрагата продолжува против вкупно 19 физички и шест правни лица, осомничени за повеќе кривични дела поврзани со организиран криминал, корупција и злоупотреба на медицински производи.








