Пораки разменети преку некогаш шифрираната апликација „Скај“ откриваат детали за наводна меѓународна операција за шверц на кокаин, во која, според обвинителството, биле вклучени припадници на балкански наркокартел.
„Сè е внесено! За точно пет минути сè е внесено“, гласи една од пораките со која, според објавените информации, било потврдено дека дрогата е натоварена на прекуокеански брод.
Според обвинението на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, операцијата била организирана преку повеќе лица кои комуницирале со шифрирани прекари.
Меѓу лицата што се споменуваат во преписките е и тогашниот полицаец од Бар, Зоран Ковачевиќ, кому соговорниците му се обраќале со прекарот „Крис“.

Тајни договори и исплата на пари во Белград
Во пораките од декември 2020 година се разговарало за предавање пари во Белград, а учесниците детално го договарале времето и местото на средбата.
По примопредавањето, еден од учесниците испратил порака дека сè е исплатено за претходната работа.
Еден месец подоцна, комуникацијата продолжила со информации за нов товар на кокаин.

Кокаинот бил сокриен на товарен брод
Според обвинителството, на 26 јануари 2021 година во белгиското пристаниште Антверпен биле внесени седум кутии со вкупно 199 килограми кокаин, како и опрема и водонепропустливи торби.
Дрогата потоа била распоредена во 11 торби и, според обвинението, сокриена во разладен контејнер на задниот дел од бродот MSC „Joanna“.
На 11 март 2021 година, кога бродот се приближил до Сиднеј, обвинителството тврди дека торбите биле спуштени со јаже кон чамец.
Австралиската полиција истиот ден пронашла и запленила 199 килограми кокаин во заливот Ботани, во близина на Сиднеј.
Објавените преписки се дел од доказниот материјал на кој се повикува обвинителството, а кривичната одговорност на обвинетите треба да биде утврдена во судска постапка.
Погледнете го видеото:









