ПРВ.мк
Црна Хроника

МАКЕДОНЕЦ ПРЕДИЗВИКА ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ШВАЈЦАРИЈА: Блокирани улици, интервенирале специјални единици!

МАКЕДОНЕЦ ПРЕДИЗВИКА ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ШВАЈЦАРИЈА: Блокирани улици, интервенирале специјални единици!

Вистинска полициска драма се одвивала во швајцарскиот град Санкт Гален, откако 51-годишен македонски државјанин бил осомничен за физички напад врз 36-годишен државјанин на Полска.

Инцидентот се случил во четвртокот, 29 октомври, околу 21:20 часот, во станбена зграда на улицата „Мецгергасе“.

Според првичните информации, нападнатиот Полјак пријавил дека бил удрен со револвер, што предизвикало итна реакција на швајцарската полиција.

Специјалци на терен, улиците блокирани

Поради сомневањето дека во инцидентот било вклучено огнено оружје, на местото пристигнале повеќе полициски патроли, припадници на специјална полициска единица и тим преговарачи.

Од безбедносни причини, полицијата блокирала две улици во централното градско подрачје, додека гостите од околните ресторани и барови биле евакуирани.

Непосредно пред полноќ, полициските службеници го уапсиле 51-годишниот македонски државјанин.

Не бил револвер, туку метален предмет

По спроведените проверки следувал неочекуван пресврт.

Истрагата утврдила дека при инцидентот не било употребено огнено оружје, туку метален карабинер, кој полицијата го пронашла и го одзела при претресот на станот на осомничениот.

По завршувањето на полициската постапка, македонскиот државјанин бил пуштен на слобода.

Според швајцарската полиција, станува збор за дело за кое постапка се поведува по пријава на оштетеното лице.

До моментот на објавување на информацијата, таква пријава не била поднесена.

Иако инцидентот предизвикал голема мобилизација на полицијата и привремено нарушување на јавниот ред во центарот на Санкт Гален, случајот завршил без потврда за употреба на огнено оружје.