Американскиот Пентагон во изминатите недели побарал од неколку европски членки на НАТО да ја ублажат јавната реторика кон Русија, предупредувајќи дека одредени изјави би можеле дополнително да ги зголемат безбедносните тензии.
Според информации на Ројтерс, добиени од четири извори запознаени со разговорите, американските претставници испратиле пораки до Литванија, Латвија и Естонија, повикувајќи ги нивните власти на поголема воздржаност во јавните настапи.
„Американците се тука, само немојте да создавате врева“
Еден европски функционер, опишувајќи ја пораката што ја добиле од американските претставници, изјавил:
„Ви помагаме. Американците се таму. Само немојте да бидете гласни. Немојте да создавате врева.“
Според изворите, пораките биле пренесени на билатерални состаноци, а меѓу американските претставници бил и Елбриџ Колби, висок функционер на Пентагон задолжен за одбранбена политика.
Тој наводно предупредил дека не треба дополнително да се провоцира Москва со изјави што би можеле да ги зголемат тензиите.
Спорни изјави за Путин и Русија
Американските претставници, според изворите, биле особено загрижени поради изјавите на одредени европски политичари дека Русија е доведена во безизлезна ситуација и дека прибегнува кон сè поочајни мерки.
Како пример се споменува изјавата на естонскиот премиер Кристен Михал, кој кон крајот на септември го споредил Владимир Путин со „стаорец во агол“.
Сепак, не е потврдено дали токму таа изјава била директен повод за американските предупредувања.
Различни ставови во НАТО
Американските барања доаѓаат во период кога администрацијата на Доналд Трамп повторно се обидува да ги придвижи преговорите за завршување на војната во Украина.
Во рамките на тие напори се разгледуваат можни олеснувања на санкциите кон Русија, додека Вашингтон врши притисок врз Украина да ги прекине нападите врз руската енергетска инфраструктура, наведува Ројтерс.
Меѓу западните функционери постојат различни ставови за начинот на кој треба јавно да се зборува за руската закана.
Едни сметаат дека претерано острата реторика може да ја зголеми загриженоста кај населението и да ѝ користи на Москва, додека други нагласуваат дека европските граѓани мора да бидат информирани за безбедносните ризици.
Дополнителна загриженост предизвикуваат обвинувањата за руски саботажни активности низ Европа, кои Москва ги негира.
Според изворите на Ројтерс, американските пораки биле пренесени во пријателски тон, но кај дел од европските претставници предизвикале збунетост.
Засега не е познато дали слични предупредувања од Пентагон добиле и други европски влади, покрај трите балтички земји.








