Нов пресврт во случајот со претепаната 26-годишна Сара од Охрид. Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишниот охриѓанец за три кривични дела и побара судот да му определи притвор.
Обвинетиот се товари за „телесна повреда“, „противправно лишување од слобода“ и „загрозување на сигурноста“.
Според Обвинителството, при вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил својата партнерка, физички ја нападнал, ѝ нанел повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во текот на денот јавниот обвинител презел повеќе истражни дејствија, а Сара била испитана во присуство на претставници од социјалните служби.
Дополнително, било наредено и извршено вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите.
Според претходните информации од МВР, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ, по расправија што започнала во домот на обвинетиот, а продолжила во неговиот автомобил.
Откако го запрел возилото, тој продолжил физички да ја напаѓа девојката, при што таа изгубила свест.
Повредената била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Полицијата го привела 31-годишникот во 5:05 часот.
Првично, судот му определил мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за приближување до девојката на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и редовно јавување во судот.
Сега Обвинителството бара построга мерка – притвор, имајќи ги предвид утврдените околности во предметот.
Конечната одлука по предлогот за притвор треба да ја донесе Основниот суд во Охрид.







