ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОЗНАТ БИЗНИСМЕН БИЛ ЦЕЛ НА ПЛАНИРАН АТЕНТАТ: Петмина осомничени под мерки за притвор, по шестиот се трага

ПОЗНАТ БИЗНИСМЕН БИЛ ЦЕЛ НА ПЛАНИРАН АТЕНТАТ: Петмина осомничени под мерки за притвор, по шестиот се трага

Нови детали се откриени за големата меѓународна безбедносна операција во која е разбиена криминална мрежа од Македонија, осомничена дека подготвувала атентат врз израелски државјанин во Грција.

Според грчкиот медиум „Прототема“, цел на планираното убиство бил бизнисмен со израелско државјанство и грчко потекло, кој извршувал раководна функција во компанија и бил од интерес за иранските разузнавачки служби.

Во планираниот атентат, според истрагата, биле вклучени шестмина македонски државјани од Скопје и Куманово, на возраст од 29 до 73 години.

Македонските безбедносни служби соопштија дека осомничените биле поврзани со криминални структури и дека дејствувале по насоки на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване.

Според грчките медиуми, во организирањето на операцијата наводно учествувал и Наџи Шарифи Зиндасти, лице кое го бара американското ФБИ поради сомневања за учество во планирани убиства во САД.

Истражните информации укажуваат дека дел од осомничените остварувале средби со организаторите во Иран и други држави.

Во рамките на операцијата, еден од осомничените бил уапсен на грчка територија и предаден на македонските власти, додека друг се обидел да влезе во Грција преку Турција, но бил вратен од граничните служби.

При претресите во Македонија биле одземени оружје, муниција, мобилни телефони, компјутери, УСБ-уреди и белешки со контакти и скици на значајни локации.

На четворица осомничени им е определен притвор, еден е во куќен притвор, додека по шестото лице се трага.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, изјави дека случајот укажува на можна употреба на криминални мрежи во други држави за извршување операции поврзани со ирански разузнавачки структури.

Планираниот атентат бил спречен благодарение на соработката меѓу македонските и грчките безбедносни служби.

Истрагата продолжува, а надлежните органи ја утврдуваат улогата и евентуалната кривична одговорност на секој од осомничените.