Страшна несреќа се случи денеска, 17 ноември, во трговскиот центар „Галерија“ во Белград, каде што десет деца биле повредени при пад на подвижни скали.
Според првичните информации на српските медиуми, седум деца се здобиле со тешки повреди, додека три поминале со полесни повреди.
Несреќата се случила околу 14:35 часот, а повредените деца биле на возраст од осум и девет години. Меѓу нив има пет девојчиња и пет момчиња.
Очевидци за српски „Блиц“ раскажале за вознемирувачките сцени што ги затекнале во трговскиот центар.
„Сцената беше ужасна. Децата плачеа, лекарите од Итната помош им ги преврзуваа раните, а крв имаше и на скалите и на подот“, раскажал еден од сведоците.
Според неговото сведоштво, дел од девојчињата имале повреди на нозете, додека други деца се здобиле со повреди на главата.
Вработена во трговскиот центар изјавила дека децата масовно паѓале по подвижните скали.
Според неофицијалните информации, децата биле дел од организирана група од околу 40 ученици кои биле придружувани од наставнички.
На местото на несреќата пристигнале пет екипи на Итната медицинска помош, а сите десет повредени деца биле пренесени во Ургентниот центар во Белград.
Полицијата го обезбедила просторот околу подвижните скали, а пристапот за посетителите бил ограничен додека траел увидот.
Во јавноста се појавиле различни сведоштва за можната причина за несреќата, но надлежните сè уште официјално не утврдиле како дошло до падот.
Истрагата продолжува, а се очекуваат дополнителни информации за здравствената состојба на повредените деца.














