ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОЛИЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА ОТКРИ СЕРИОЗЕН АРСЕНАЛ: Бомба, два пиштоли, 240 куршуми и клуч од мотор поврзан со убиство!

ПОЛИЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА ОТКРИ СЕРИОЗЕН АРСЕНАЛ: Бомба, два пиштоли, 240 куршуми и клуч од мотор поврзан со убиство!

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишен скопјанец, осомничен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

При претрес во домот на осомничениот, полициските службеници пронашле и заплениле поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја чија употреба и поседување за граѓани е забранета.

Според информациите од ОЈО Скопје, во станот била пронајдена една рачна бомба „М75“, во која биле имплементирани метални кугли со дијаметар од околу два милиметри, со шрапнелско дејство.

При претресот биле пронајдени и вкупно 240 куршуми со различен калибар, пиштол „Црвена Застава“ со калибар 7,65 милиметри и рамка со седум куршуми, како и пиштол марка „Берета“ со рамка во која имало шест куршуми.

Полицијата во домот пронашла и околу 7 грама марихуана, поради што осомничениот се товари и за кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Особено внимание во истрагата привлекол уште еден пронајден предмет – клуч од мотор.

Од ОЈО Скопје информираат дека за моторот постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство.

„Во станот бил пронајден и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство“, наведуваат од Обвинителството.

Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство, но и поради можноста осомничениот да продолжи со вршење кривични дела, јавниот обвинител до судот доставил предлог за определување притвор.

Од ОЈО посочуваат дека притворот е побаран со цел да се обезбеди непречено водење на кривичната постапка, а како главни причини се наведени опасноста од бегство и можноста за повторување на кривичните дела.

Истрагата продолжува, а осомничениот во оваа фаза има статус на осомничен и важи презумпцијата на невиност до евентуална правосилна судска одлука.