ПРВ.мк
Црна Хроника

Осумгодишно момче брутално убиено па запалено: Жена случајно го фотографирала местото на злосторството: „Мислев дека е мал логорски оган“

Осумгодишно момче брутално убиено па запалено: Жена случајно го фотографирала местото на злосторството: „Мислев дека е мал логорски оган“

Жена која на денот на грозоморното убиство во германското место Клајн Упал случајно со својот мобилен телефон снимила чад и мал оган – токму на местото каде што подоцна беше пронајдено телото на 8-годишниот Фабијан – го опиша тој момент за време на судењето за убиство пред Покраинскиот суд во Росток, Германија.

На шестиот ден од судскиот процес беа детално анализирани трагите и доказите, а клучниот исказ го даде 36-годишната сведочка која на денот на злосторството направила три фотографии. На нив јасно се гледаат облаци од чад и мал оган во близина на езерцето каде што подоцна беше откриено телото на момчето, пишува германскиот весник „Welt“.

Според обвинението, на 10 октомври минатата година, со цел да се прикријат трагите од делото, телото на детето било полиено со запалива течност и запалено.

Што изјави сведочката на суд?

Сведочката раскажа дека тој ден, како што правела често, го шетала своето пони по полскиот пат низ шумата. Таа поминала покрај езерцето каде што Фабијан беше пронајден на 14 октомври, по четиридневна интензивна потрага.

Според метаподатоците од нејзиниот телефон, фотографиите од огнот и белиот чад биле направени на 10 октомври точно во 14:59 и 15:00 часот. На судот таа изјави:

„Глетката изгледаше како мал логорски оган. Помислив дека станува збор за контролирано палење на трските околу езерцето.“

Кога по некое време се враќала од прошетката, огнот веќе бил изгаснат.

Обвинетата маќеа се брани со молчење

За ова брутално убиство е обвинета 30-годишната Џина Х., која досега во процесот не изнела одбрана и се брани со молчење. Таа се товари дека го лишила од живот малениот Фабијан нанесувајќи му шест убоди со нож.

Оружјето со кое е извршено убиството сè уште не е пронајдено, иако судот анализира неколку ножеви кои беа предмет на дополнителни вештачења. Обвинетата се наоѓа во притвор од ноември минатата година.

Сведоци го виделе нејзиниот автомобил во близина

Покрај фотографиите со чад, обвинителството располага и со изјави на други сведоци. Двајца млади земјоделци кои работеле на блиската нива изјавиле дека на денот на исчезнувањето на Фабијан го забележале пикап-возилото на обвинетата.

Автомобилот доаѓал токму од правецот на езерцето и се вклучил на главниот пат, иако сведоците не успеале со сигурност да видат кој управувал со возилото.

Токсична врска со таткото на момчето

Судскиот совет во судницата репродуцираше и голем број гласовни пораки кои обвинетата и таткото на Фабијан (35) ги разменувале во периодот кога момчето исчезнало. Нивната врска е опишана како нестабилна, со чести раскинувања и помирувања.

Во пораките кои ги испраќала буквално од минута во минута, обвинетата очајно го молела тогаш поранешниот партнер да ѝ се врати, а воедно му замерувала и зошто не ѝ дозволува да учествува во потрагата по исчезнатиот Фабијан. Процесот продолжува под огромен интерес на германската јавност.