Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение во скратена постапка против 46-годишен маж за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице.
Според обвинението, на 7 август околу пладне, осомничениот управувал автомобил „сеат алтеа“ по улицата „Радишанска“. На крстосницата со улица „18“, тој свртел во лево без да ги пропушти возилата од спротивната насока, со што му го пресекол патот на мотоциклот „кавасаки“ управуван од Никола Макрачевски. За да избегне директен судар, мотоциклистот свртел во лево и навлегол во спротивната лента, каде што директно удрил во автомобил „алфа ромео“.
Од силата на ударот, мотоциклистот паднал на коловозот и починал од здобиените тешки телесни повреди, додека возачот на „алфа ромео“ здобил полесни повреди. Наместо да им помогне, осомничениот го напуштил местото на несреќата. За време на постапката, јавниот обвинител предложи мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во Суд, привремено одземање на патна исправа и одземање на возачката дозвола.






